Скопје
Дознај прв
Од 1 мај директна авионска линија Скопје – Тиват, два лета неделно
Од 1 мај започнува директната авиолинија Скопје – Тиват со два лета неделно. Николоски најави и преговори за линии до Подгорица и Охрид.

Од 1 мај следната година ќе започне да функционира нова директна авиолинија меѓу Скопје и Тиват, со два лета неделно. Ова го најави Александар Николоски по билатералната средба со потпретседателот на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ. Според Николоски, новото авионско поврзување е резултат на претходно договорените активности меѓу двете држави и треба да придонесе за поголема размена на патници, развој на туризмот и бизнисот. Тој најави и организирање бизнис-форум во текот на следната година, на кој компаниите од двете земји ќе разговараат за можности за економска соработка.
Се преговара и за линии до Подгорица и Охрид
Николоски откри дека со црногорската влада се разговара и за воспоставување авиолинија Скопје – Подгорица, како и Тиват – Охрид. Доколку се реализираат и овие планови, авионското поврзување меѓу двете земји дополнително ќе се прошири.
Автопатот Скопје – Блаце ќе отвори пристап до пристаништето Бар
На средбата била разгледана и инфраструктурната соработка, особено изградбата на автопатот Скопје – Блаце. Николоски истакна дека овој проект ќе овозможи подобро поврзување со Црна Гора и пристап до пристаништето Бар, покрај веќе постојното поврзување со Солун и планираното со Драч. Тој посочи дека целта е Македонија, иако нема излез на море, да има пристап до најмалку три регионални пристаништа.
