Хроника

БИТОЛЧАНКА И ЕСТОНЕЦ ИЗМАМИЛЕ СТОТИЦИ ГРАЃАНИ: Ветувале заработка преку лажна платформа, МВР реаѓираше

БИТОЛЧАНКА И ЕСТОНЕЦ ИЗМАМИЛЕ СТОТИЦИ ГРАЃАНИ: Ветувале заработка преку лажна платформа, МВР реаѓираше

Битолчанка на возраст од 56 години и 38-годишен државјанин на Естонија се осомничени дека измамиле стотици граѓани преку лажна интернет-платформа за инвестирање. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднел кривична пријава против двете лица за кривично дело „измама“. Според МВР, од декември 2025 до април 2026 година, преку мобилна апликација и канал со неколку стотици претплатници, тие ветувале добивки што никогаш не биле реализирани. На тој начин, голем број граѓани од целата држава биле наведени да вложуваат пари и претрпеле значителна финансиска штета.

Петмина пријавиле, оштетени се стотици граѓани

До Секторот за компјутерски криминал биле доставени пет пријави од оштетени граѓани, но анализата на финансиските извештаи покажала дека бројот на измамени лица е многу поголем. Според МВР, стотици граѓани биле оштетени, но повеќето од нив не го пријавиле случајот. Истрагата траела неколку месеци и во неа биле вклучени домашни и странски институции, а биле анализирани и криптовалутни трансакции.

МВР одзема електронски уреди, анализирани криптотрансакции

Во рамки на истрагата бил извршен информативен разговор со битолчанката, а биле одземени и електронски уреди преку кои била остварувана комуникацијата со претплатниците. Форензичката анализа на податоците, како и информациите обезбедени преку меѓународни безбедносни платформи за сопственикот на криптопаричникот, помогнале во откривањето на осомничените. Од МВР предупредуваат граѓаните да не веруваат во понуди за лесна и брза заработка преку интернет, особено кога се ветуваат високи и сигурни приноси од инвестирање во криптовалути.

ОЗНАКИ: мвр