Македонија

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА ПРЕД COP31: Климатските обврски да ги претвориме во инвестиции и мерливи резултати

Сиљановска-Давкова повика на брзо усвојување на Законот за климатска акција и конкретни инвестиции за справување со климатските промени пред COP31 во Анталија.

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА ПРЕД COP31: Климатските обврски да ги претвориме во инвестиции и мерливи резултати

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека Македонија на претстојниот климатски самит COP31 треба да настапи со јасни национални приоритети, подготвени проекти и конкретни потреби за финансирање. Таа денеска се обрати на настанот „Национален дијалог во пресрет на COP31“, организиран од УНДП во соработка со надлежните министерства. Според неа, климатските промени не се само прашање на заштита на природата, туку системска криза што ги погодува сите сегменти на општеството и бара заедничка акција. Сиљановска-Давкова нагласи дека целта е климатските обврски да се претворат во конкретни инвестиции и мерливи резултати.

Законот за климатска акција да се усвои што поскоро

Претседателката ја истакна потребата од брзо усвојување на Законот за климатска акција, за кој, како што посочи, Европската комисија дала зелено светло во однос на усогласеноста со европското законодавство. Таа предупреди дека Македонија е во еден од климатски најранливите региони во светот и дека загубите од катастрофи и екстремни климатски настани во изминатите 20 години се проценуваат на 667 милиони долари. Без инвестиции во адаптација, годишните очекувани штети би можеле да достигнат четири проценти од БДП до 2050 година.

„Нашата планета е жртва што останува речиси невидлива“ – Сиљановска – Давкова

Осврнувајќи се на воените конфликти и геополитичките тензии, Сиљановска-Давкова рече дека страдањето на планетата сè повеќе се потиснува од светските настани. Таа нагласи дека иако уделот на Македонија во глобалните емисии на стакленички гасови е мал, последиците на национално и локално ниво претставуваат сериозен здравствен, економски и безбедносен ризик. Како една од стратешките мерки беше посочено и воспоставувањето Национален интегриран мултихазарден информативен систем за превенција од катастрофи. Претседателката порача дека државата треба поактивно да ги користи европските и меѓународните механизми за финансирање, техничка поддршка и трансфер на технологии, поврзувајќи ги институциите, науката, општините и приватниот сектор.