Хроника

IN MEMORIAM: ПОЧИНА БРАНКО РАДОВАНОВИЌ, ЛЕГЕНДАРНИОТ МАКЕДОНСКИ ВОЕН РЕПОРТЕР И УРЕДНИК

Почина Бранко Радовановиќ, познат македонски новинар и воен известувач, добитник на признанието „Крсте Мисирков“ и долгогодишен уредник во МТВ.

IN MEMORIAM: ПОЧИНА БРАНКО РАДОВАНОВИЌ, ЛЕГЕНДАРНИОТ МАКЕДОНСКИ ВОЕН РЕПОРТЕР И УРЕДНИК

Почина Бранко Радовановиќ, едно од препознатливите имиња на македонското новинарство, кој остави длабока трага во телевизиското известување и во документарната продукција. Беше известувач од поранешниот Советски Сојуз, од Заливската војна, како и од воените конфликти во Босна, а известувал и за настани во Бугарија, Албанија и Грција. Радовановиќ беше препознатливо име во македонскиот медиумски простор, а зад себе остави долгогодишна професионална кариера и бројни новинарски приказни.

Од спортски новинар до воен известувач

Роден е на 16 јуни 1947 година во Битола, а дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград. Новинарската кариера ја започнал како средношколец, пишувајќи за „Млад борец“, а подоцна работел и како студент и дипломиран новинар во Вечерните новости. Од 1979 година бил репортер, а потоа и коментатор и уредник во новинарско-политичката редакција на МТВ. Работел и како новинар во весникот „Стопански весник“, а од 1999 година бил дел од Документарната програма на МТВ.

Добитник на признанието „Крсте Мисирков“

Во текот на кариерата Радовановиќ бил автор и новинар на повеќе значајни документарни проекти, меѓу кои и програмата „Вчера беше денес“, емитувана на МТВ. Во 2002 година станал уредник во Образовната програма на МТВ, а бил и асистент по теорија и практика на интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1994 година го добил признанието „Крсте Мисирков“, а бил и член на Советот на Радиодифузија од април 2009 година, со мандат од шест години.