Македонија
Дознај прв
РУСКИ ЕМИГРАНТИ ОСТАНАА БЕЗ ПАРИ ВО СРБИЈА: Во Алта банка блокирани и заштеди од 180.000 евра
Затворањето на Алта банка во Србија ги остави руските емигранти без пристап до заштедите. Некои имаат блокирани и до 180.000 евра.

Затворањето на „Алта банка“ во Србија предизвика сериозни проблеми за илјадници руски емигранти кои преку оваа финансиска институција ги чувале заштедите, примале плати и ги вршеле секојдневните плаќања. Откако Народната банка на Србија на 30 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на банката, сметките на клиентите беа замрзнати, оставајќи ги без пристап до сопствените средства. Според рускиот независен портал „Медуза“, дел од клиентите таму ги чувале парите добиени од продажба на недвижности во Русија, додека други преку банката примале приходи од странство и воделе бизниси. Српските власти најавиле обесштетување на осигурените депозити до 50.000 евра, но неизвесноста останува за износите над овој лимит.
Некои клиенти имаат блокирани и до 180.000 евра
Еден од засегнатите клиенти, ИТ-експертот Антон, раскажал дека во банката имал околу 70.000 евра од продажба на стан во Московската област. Кога се обидел да ги повлече парите, банкоматот не работел, филијалата била затворена, а мобилната апликација недостапна. Друг руски емигрант, Артјом, кој живее во Црна Гора и заработува преку интернет, останал без пристап до средствата на PayPal, бидејќи парите ги подигнувал преку картичка од „Алта банка“. Тој сега мора да позајмува пари за секојдневните потреби и трошоците за семејството.
Проблеми и за руските компании и претприемачи
Блокираните средства создаваат проблеми и за руските претприемачи и компании кои преку банката исплаќале плати, плаќале даноци и ги подмирувале деловните обврски. Дополнителна пречка за дел од нив е отворањето сметка во друга банка, поради нивниот статус на престој во Србија. Директорката на организацијата за човекови права „Слобода и закон“, Аполинарија, изјавила дека има случаи со блокирани средства од 50.000 до 180.000 евра. Организацијата, заедно со адвокати, подготвува барања до српските институции за утврдување јасни рокови за исплата на осигурените депозити и информации за постапката за странските државјани.
