Македонија

БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ ЗА КЛИЕНТИТЕ НА „АЛТА БАНКА“: Автобуси од Прилеп, Охрид и Ресен до Битола

Народната банка организира бесплатен превоз до Битола на 7 ноември за клиентите на „АЛТА банка“ без платежни картички. Погледнете ги термините и местата на поаѓање.

БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ ЗА КЛИЕНТИТЕ НА „АЛТА БАНКА“: Автобуси од Прилеп, Охрид и Ресен до Битола

Народната банка утре, во сабота на 7 ноември, ќе организира бесплатен автобуски превоз за граѓаните од Прилеп, Охрид и Ресен кои имаат сметка во „АЛТА банка“ АД Битола, но немаат платежна картичка. Превозот ќе биде во двата правци, со цел клиентите полесно да пристапат до своите средства и да подигнат готовина во филијалата во Битола. Враќањето ќе биде организирано откако сите клиенти ќе ги подигнат предвидените парични средства.

Еве од каде и во колку часот тргнуваат автобусите до Битола

Од Прилеп автобусите ќе тргнуваат во 10 часот од Плоштадот „Методија Антонов-Ченто“, пред објектот „Реклами“. За граѓаните од Охрид поаѓањето е предвидено во 11 часот од градската автобуска станица, додека автобусите од Ресен ќе тргнат во 12 часот од кај маркетот „Кипер“.

Од понеделник шалтери и во Тетово и Струмица

Народната банка потсетува дека од понеделник, 9 ноември, ќе започнат со работа и шалтерите на „АЛТА банка“ во Тетово и Струмица. Таму граѓаните кои немаат платежни картички ќе можат директно да подигнат до 20.000 денари.

Жан Митрев