Македонија
Дознај прв
НОВ МОДЕЛ НА СТИПЕНДИИ: За првпат стипендии и за студенти со попреченост и ретки болести
Министерството за образование воведува нови категории студентски стипендии за лица со попреченост и ретки болести. Пријавувањето трае до 20 ноември, а предвидени се вкупно 3.000 стипендии.

Министерството за образование воведува нов модел на студентско стипендирање, со кој за првпат се предвидуваат посебни стипендии за студенти со попреченост и студенти со ретки болести. Новиот пристап треба да ја препознае социјалната ранливост, да го вреднува академскиот успех и да го поттикне образованието на кадри во области од стратешко значење за државата. Пријавувањето започна на 6 ноември и ќе трае до 20 ноември, а аплицирањето се врши исклучиво електронски.
Вкупно 3.000 стипендии, средствата се распределуваат поинаку
Од Министерството за образование посочуваат дека и покрај воведувањето нови категории и поинаквата распределба на средствата, вкупниот број стипендии останува непроменет – 3.000. „Промената не е во намалување на поддршката, туку во нејзино подобро насочување и пошироко препознавање на потребите и потенцијалите на студентите“, наведуваат од Министерството.
Студентите ќе ги презентираат своите научни трудови
Во меѓувреме, на Филолошкиот факултет се одржува конференцијата „Како си ми?“, преку која студентите се поттикнуваат да создаваат и да презентираат сопствени научни трудови. Конференцијата се организира од 2015 година, а нејзината цел е студентите уште за време на студирањето да се вклучат во научноистражувачка работа. Десеттиот зборник, објавен минатата година, содржи 11 трудови – три од областа на јазикот и лингвистиката, два интердисциплинарни и шест од областа на книжевноста.

