Македонија

АРХЕОЛОШКО ОТКРИТИЕ ВО ДОЈРАН: Пронајден бронзен меч стар 3.500 години, најстар досега во Македонија

Археологот Зоран Рујак откри бронзен меч стар околу 3.500 години на локалитетот Мрдаја во Дојранското Езеро. Се смета за најстар досега пронајден во Македонија.

АРХЕОЛОШКО ОТКРИТИЕ ВО ДОЈРАН: Пронајден бронзен меч стар 3.500 години, најстар досега во Македонија

Исклучително археолошко откритие во Дојранското Езеро отвора ново поглавје во истражувањето на праисторијата на Македонија. Струмичкиот археолог Зоран Рујак од НУ Завод и музеј – Струмица, при истражувањата на праисториската наколна населба на локалитетот Мрдаја, пронашол бронзен меч стар околу 3.500 години. Станува збор за меч од микенски тип, кој според досегашните сознанија се смета за најстариот откриен на територијата на Македонија. Откритието претставува значаен придонес во проучувањето на бронзеното време и отвора прашања за контактите на тогашното население со микенската цивилизација.

Откриени и куќа на металург и керамички садови

Покрај мечот, археолошките истражувања откриле и остатоци од куќа на металург, како и керамички садови украсени со спирални и геометриски мотиви. Новите сознанија укажуваат дека населбата на локалитетот Мрдаја постоела многу порано отколку што претходно се претпоставувало. Пронајдените предмети сведочат за развиени занаетчиски активности и обработка на метали во овој регион пред три и пол милениуми.

Дојран

Дојран крие сведоштва за живот стар илјадници години

Истражувањата укажуваат дека на просторот на денешно Дојран постоела организирана наколна населба изградена над езерските води. Археолозите сметаат дека пронајдените предмети може да упатуваат на културни и трговски контакти со микенскиот свет. Откритието на Зоран Рујак уште еднаш го истакнува археолошкото значење на Дојранското Езеро, кое под своите води чува сведоштва за животот во далечното минато.

Жан Митрев