Свет
Дознај прв
ПРОТЕСТИРАЛ ДА СЕ ПРИФАТАТ МИГРАНТИ, ПОДДРЖУВАЛ ЛГБТ: Кој бил убиецот од Краков кој изврши масакр?

Убиецот од Краков, кој уби шест лица во историскиот центар на полскиот град, е идентификуван како 24-годишниот Михал Оксињски.
По неговата смрт во болница, во јавноста се појавија бројни информации и фотографии од наводните профили на социјалните мрежи на напаѓачот, кои отворија прашања за неговите политички и идеолошки убедувања.
Контроверзни фотографии со ЛГБТ симболи и левичарски пораки
На интернет се шират фотографии за кои се тврди дека го прикажуваат Оксињски со знаме на ЛГБТ-заедницата, како и содржини поврзани со антифашистички и анархокомунистички ставови.
Дополнително, се споделува и фотографија од наводно негово присуство на протест за поддршка на мигрантите и отворање на полските граници. На транспарентите се забележуваат пораки „Добредојдовте, бегалци“ и „Стоп за војната, без држави, без граници, без проблеми“.
Сепак, автентичноста на овие фотографии и нивната поврзаност со напаѓачот не се независно потврдени. Според проверка на објавите, дел од спорните снимки од екранот потекнуваат од профил кој наводно бил активен во периодот од 2019 до 2021 година, но не е утврдено дали навистина му припаѓал на Оксињски.
Полските власти првично говореа за екстремна десница
По нападот, полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кервињски изјави дека првичните сознанија упатуваат на тоа дека напаѓачот бил фасциниран од екстремно десничарски идеологии и имал радикални ултранационалистички ставови.
Меѓутоа, на прес-конференција во понеделникот, претставникот на полското обвинителство, Пшемислав Новак, соопшти дека истражителите сè уште не знаат што го мотивирало напаѓачот.
Полските власти сега повикуваат на воздржаност од изнесување заклучоци додека не бидат завршени проверките. Се испитува и можноста Оксињски да бил инспириран или поврзан со некоја организирана група.
ПОЧИНА И УБИЕЦОТ ОД КРАКОВ: По шесте убиени и 15 повредени, им подлегнал на повредите во болница
Убил и тројца членови на своето семејство
Оксињски, кој живеел во градот Островец Швјентокшиски, пред нападот во Краков, според досегашните сознанија, ги убил своите татко, мајка и 21-годишна сестра во семејниот дом.
Потоа заминал за Краков, каде што на главниот плоштад отворил оган врз случајни минувачи. Во нападот загинаа шест лица, а 15 беа повредени.
Полицијата го ранила во вооружена пресметка, по што бил пренесен во болница, каде што починал во понеделникот наутро.
И покрај неговата смрт, истрагата продолжува со цел да се утврдат мотивите за злосторството и евентуалните влијанија врз напаѓачот.

