Свет
Дознај прв
ДВАЈЦА ЛЕКАРИ МУ ГО СПАСУВАЛЕ ЖИВОТОТ НА ПОЛИЦАЕЦОТ ВО КРАКОВ: Со голи раце му ја запирале крвта по пукањето
Двајца краковски хирурзи притрчале да му помогнат на тешко ранет полицаец по нападот. Еден од лекарите со голи раце му ја запирал крвта со газа.

Двајца познати краковски хирурзи, докторот Матеуш Вјердак и професорот Михал Пеџивјатр, меѓу првите притрчале да им помогнат на повредените во вооружениот напад во Краков. Тие во моментот на нападот биле во близина со своите семејства, но без двоумење се вклучиле во спасувањето на повредените. Најкритична била состојбата на еден полицаец, кој имал тешка продорна рана во градниот кош и обилно крвавење под тактичкиот елек. Бидејќи во првите моменти немале медицинска опрема, минувачите им дале шал за привремено да ја обезбедат раната. Подоцна полицајците донеле медицинска торба, а лекарите продолжиле со интервенцијата.
Со голи раце ја запирал животозагрозувачката повреда
Докторот Матеуш Вјердак раскажал дека морал со газа да ја исполни раната и да изврши притисок за да го запре крвавењето. Интервенцијата ја извршил со голи раце, додека полицаецот бил свесен и трпел силни болки. „Тоа не е нешто што го правиме секојдневно, но тоа беше единственото со што можев да помогнам“, раскажал хирургот. Тој нагласил дека ситуацијата била критична и дека секоја минута била важна за спасување на животот на повредениот.
Лекарите помагале и на другите повредени
Професорот Михал Пеџивјатр ја координирал медицинската помош, ја проценувал состојбата на повредените и ги подготвувал за транспорт во болниците. Двајцата хирурзи се грижеле и за останатите повредени, вклучително и за ранетиот напаѓач, користејќи термофолии за да ги заштитат од хипотермија. Нивната брза реакција овозможила да се заштедат од 10 до 15 минути во почетната медицинска тријажа. Лекарите подоцна биле пофалени за храброста, но Вјердак посочил дека најголемиот херој за него е полицаецот кој се соочил со напаѓачот, бидејќи, како што рекол, можел да биде жртва и тој или некој од неговото семејство.

