Свет

ДВОДНЕВНА ЖАЛОСТ ВО ПОЛСКА ПО НАПАДОТ ВО КРАКОВ: Туск го оквалификува пукањето како терористички чин

Полска прогласи дводневна национална жалост по нападот во Краков во кој загинаа шест лица. Во домот на осомничениот биле пронајдени уште три тела.

ДВОДНЕВНА ЖАЛОСТ ВО ПОЛСКА ПО НАПАДОТ ВО КРАКОВ: Туск го оквалификува пукањето како терористички чин

Полска прогласи дводневна национална жалост по вооружениот напад во центарот на Краков, во кој загинаа шест лица, а најмалку 15 беа повредени. Премиерот Доналд Туск го оквалификува нападот како терористички чин, додека властите ги истражуваат мотивите на напаѓачот и неговата можна поврзаност со крајнодесничарска идеологија. Нападот се случил во саботата, нешто по 15 часот, кога напаѓачот пукал од автомобил во историскиот центар на градот. Меѓу загинатите се четири жени и двајца мажи, а бил погоден и трамвај, во кој немало повредени патници.

Во домот на осомничениот пронајдени уште три тела

Полицијата го ранила и го уапсила напаѓачот, за кого е потврдено дека е полски државјанин. При претрес во неговиот дом биле пронајдени уште три тела, за кои премиерот Туск изјави дека постојат силни индиции оти станува збор за членови на најблиското семејство на осомничениот. „Така мора да го наречеме овој суров напад врз животите на луѓето во Краков“, изјави Туск, образложувајќи ја својата квалификација на настанот.

Откажани градските настани во Краков

Во Краков е прогласена и локална жалост, која ќе трае до 11 ноември. Откажани се настаните организирани од градот и градските институции, а на официјалната интернет-страница е најавено отворање виртуелна книга на жалост за граѓаните да можат да им оддадат почит на загинатите.

Жан Митрев