Свет
Дознај прв
ОВА Е НАПАЃАЧОТ ОД КРАКОВ: Соученичка открива шокантни детали за неговото минато, а во домот имал мртви тела
Поранешна соученичка на 24-годишниот Михал О. открива дека цртал сцени на масакри и зборувал дека сака да стане напаѓач. Во неговиот дом биле пронајдени три тела.

Поранешна соученичка на 24-годишниот Михал О., осомничен за вооружениот напад во Краков, откри вознемирувачки детали за неговото однесување во училишните денови. Таа тврди дека тој цртал обесени луѓе, мртви тела и сцени на напади врз училишта, а на соучениците им кажувал дека сака да стане напаѓач. Во интервју за полското радио ЕСКА, го опишала како тивок, повлечен и недостапен млад човек, кој ретко комуницирал со другите. Нејзините тврдења засега не се независно потврдени.
Соучениците се сеќаваат на цртежи со насилни сцени
„Се сеќавам дека на час црташе обесени луѓе или некој што влегува со пиштол. Кога го прашавме што е тоа, рече дека станува збор за напад врз училиште, со мртви тела насекаде“, раскажала поранешната соученичка. Според неа, на цртежите се прикажувал себеси како вооружен напаѓач, а на прашањето зошто го прави тоа, одговорил дека сака да стане напаѓач. Таа се присетила и дека еднаш за време на онлајн-настава се приклучил на видео повик носејќи стара гас-маска. Соседите, пак, го опишуваат како мирен и љубезен млад човек, без да забележат посебен интерес за оружје или воени униформи.
Во домот пронајдени три мртви тела
Во нападот на главниот плоштад во Краков загинаа шест лица, а најмалку 15 беа повредени. Осомничениот пукал и кон полицајците при обидот за бегство, по што бил ранет и пренесен во болница, каде што бил опериран. Полските медиуми објавија дека во неговиот дом во Островјец Свјетокржиски биле пронајдени телата на неговите родители и сестра, што го потврдил и портпаролот на обвинителството. Полицијата истражува и можни врски на 24-годишникот, но мотивот за нападот сè уште не е утврден.

