Скопје
Дознај прв
(ВИДЕО) СЕКОЈА ЧЕСТ ЗА ВОЗАЧОТ: Се симнал од автобус и помогнал да се изгаснат запалените контејнери во Ново Лисиче
Два контејнери беа запалени во Ново Лисиче. Возач на автобус го запрел возилото и притрчал да помогне во гаснењето на пожарот.

Два контејнери беа запалени вечерва во скопската населба Ново Лисиче, во близина на „Спортска меана“. Во моментот кога забележал дека контејнерите горат, возач на автобус не останал рамнодушен, туку го запрел возилото, се симнал и притрчал за да помогне во гаснењето на пожарот. Неговата постапка предизвика позитивни реакции, бидејќи покажал човечност и одговорност во ситуација во која секоја помош е важна. Набргу на местото пристигнале и противпожарната екипа и полицијата.
Запалени контејнери во Ново Лисиче – поставени пред неколку недели
Инцидентот доаѓа само неколку недели откако контејнерите биле поставени како дел од акцијата за поставување нови садови за отпад низ Скопје. Наместо да ја исполнуваат својата намена, два од нив завршиле во пламен. Случајот го привлече вниманието и на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој објави дека повеќе контејнери биле запалени и во Ново Лисиче и на булеварот „Македонско-косовска бригада“.
Ѓорѓиевски бара реакција од МВР
Градоначалникот побара од МВР да ги провери снимките од безбедносните камери и да ги пронајде сторителите, оценувајќи дека станува збор за удар врз заедничкиот имот на граѓаните. Тој најави и поставување 200 градски камери за посилен надзор и откривање на ваквите појави, додавајќи дека за вандализмот нема да има толеранција.

