Македонија
Дознај прв
АКЦИЈА НА МВР ВО ДЗС: Раководител осомничен дека барал 500 евра за позитивно мислење за градба
МВР лиши од слобода раководител во Дирекцијата за заштита и спасување, осомничен дека примил 500 евра за позитивно мислење за градба.

Раководител на сектор во Дирекцијата за заштита и спасување е лишен од слобода во полициска акција поради сомнение за примање поткуп. Според неофицијалните информации, лицето било затекнато при примање 500 евра во претходно криминалистички обработени банкноти, како противуслуга за издавање позитивно мислење потребно за изградба на објект. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информира дека пред неколку дена добил повик од граѓанин кој се пожалил дека вработен во институцијата му побарал 500 евра за позитивно мислење. Ангелов го упатил граѓанинот случајот веднаш да го пријави во Одделот за организиран криминал при МВР.
Ангелов ја поздрави полициската акција
„Ја поздравувам денешната акција на МВР и воедно ги повикувам граѓаните кои се соочуваат со незаконско поведение на кој било вработен во ДЗС, истото веднаш да го пријават во надлежните институции“, порача Ангелов. Тој воедно им се заблагодари на вработените кои чесно и совесно ги извршуваат своите работни обврски.
Се проверува сомнението за поширока практика
Според неофицијалните информации, постои сомнение дека осомничениот барал и примал пари за издавање позитивни мислења и одобренија поврзани со изградба на станбени и деловни објекти. Случајот го истражуваат надлежните институции, а сомневањата треба да бидат предмет на понатамошна постапка.

