Македонија
Дознај прв
НОВИ ДИРЕКТОРИ НА ТРИ КЛИНИКИ: Клековски именува нови раководители на гастроентерохепатологија, дигестивна и пластична хирургија
Владимир Андреевски, Панче Караѓозов и Благоја Србов се новите директори на три универзитетски клиники во Скопје. Приоритет се нови методи и пократки листи на чекање.

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ги прими новоименуваните директори на три универзитетски клиники во Скопје. За директор на Клиниката за гастроентерохепатологија е именуван вонредниот професор д-р Владимир Андреевски, за Клиниката за дигестивна хирургија асистентот д-р Панче Караѓозов, а за Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија асистентот д-р Благоја Србов. Станува збор за лекари со специјалистичко искуство и професионален ангажман во своите области. Клековски им честиташе на именуваните и им посака успешна работа, посочувајќи ги очекувањата за подобро функционирање на здравствените установи.
Кои се новите директори?
Владимир Андреевски е специјалист интернист и супспецијалист гастроентерохепатолог, раководител на одделот за ендоскопија и генерален секретар на Македонското здружение за гастроентерохепатологија. Автор е на повеќе од 120 рецензирани научни труда, со експертиза во интервентната ендоскопија и ЕРЦП. Панче Караѓозов е специјалист по дигестивна хирургија, со стручно усовршување по лапароскопска хирургија во Виена и Истанбул. Благоја Србов е специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, асистент на Катедрата по хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје и еден од основачите на Македонската асоцијација за реконструктивна микрохирургија.
Скратување на листите на чекање и воведување нови методи
Меѓу приоритетите што ги посочи министерот се стабилно и предвидливо работење на клиниките, воведување нови методи и постапки, скратување на листите на чекање и зголемување на довербата кај пациентите. Клековски претходно ги прими и досегашните директорки проф. д-р Мери Трајковска и прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска, како и досегашниот директор на Клиниката за дигестивна хирургија, проф. д-р Огнен Костовски, на кои им се заблагодари за досегашната работа. Од Министерството посочуваат дека Костовски и Ѓорѓиевска-Павловска со своите тимови биле на првата линија во справувањето со последиците од трагедијата во Кочани, додека под раководство на Трајковска на Клиниката за гастроентерохепатологија биле воведени четири нови методи на лекување.

