Македонија
Дознај прв
КЛЕКОВСКИ СО НОВИ ИНФОРМАЦИИ ЗА МОРБИЛИ: Еден сомнителен случај, досега пет потврдени во Македонија
Еден сомнителен и пет потврдени случаи на морбили во Македонија. Министерот Сашо Клековски апелира до родителите да ги вакцинираат децата.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, информира дека во Македонија е регистриран еден сомнителен случај на морбили, додека досега се потврдени вкупно пет случаи на ова заразно заболување.
Станува збор за дете на возраст над една година, за кое сè уште се спроведуваат лабораториски испитувања. Од петте потврдени случаи, четири се македонски државјани, а едно лице е странски државјанин.
Клековски посочи дека сите случаи се предмет на детални епидемиолошки анализи, со цел да се утврдат контактите и навреме да се известат лицата кои можеби биле изложени на заразата.
Обезбедени се доволни количини вакцини
Министерот информира дека во земјата има зголемен интерес за вакцинација, а располага и со доволни количини вакцини.
Според него, на почетокот биле обезбедени речиси 15.000 дози, а на располагање има и дополнителни количини.
Нема препорака за забрана за прием на невакцинирани деца
Клековски демантираше дека Министерството за здравство или други здравствени институции испратиле препорака до Министерството за образование или Министерството за социјална политика да бараат потврди за вакцинација на децата.
Тој нагласи дека апелите се упатени директно до родителите, предупредувајќи дека со невакцинирањето ги изложуваат на ризик не само сопствените деца, туку и бебињата.
„Нема подобра заштита за сипаници од вакцинацијата“, порача Клековски, додавајќи дека вакцинацијата е единствениот начин да се спречи евентуална епидемија.
Тој истакна дека нема потреба од закани и присилување, ниту од фалсификување потврди, туку од одговорен пристап и свесност кај родителите.
ЧЕТИРИ СЛУЧАИ НА МАЛИ СИПАНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА: Заразени три бебиња и 40-годишен маж

