Македонија

ПОЛИЦАЈЦИТЕ ОД ПРОБИШТИП НЕ ЗНАЕЛЕ ДЕКА ЌЕ ВРШАТ КОНТРОЛА ВО „ПУЛС“: Сведок откри како биле испратени во Кочани

Сведок на судењето за пожарот во „Пулс“ откри дека полицајците од Пробиштип не знаеле дека ќе учествуваат во контролата на дискотеката во Кочани.

ПОЛИЦАЈЦИТЕ ОД ПРОБИШТИП НЕ ЗНАЕЛЕ ДЕКА ЌЕ ВРШАТ КОНТРОЛА ВО „ПУЛС“: Сведок откри како биле испратени во Кочани
Фото: Миа

Полициските службеници Мартин Арсовски и Дарко Милошевски од Пробиштип, кои се меѓу обвинетите во постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, биле испратени во Кочани без претходно да бидат информирани дека ќе учествуваат во контрола на дискотеката. Ова го посведочил Драган Василески, виш инспектор за економски криминалитет во ОВР Пробиштип, на денешното рочиште.

ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА „ПУЛС“: Одбраната почнува со изведување докази, најавени 240 сведоци

Не знаеле каква задача ќе извршуваат

Василески пред судот објаснил дека на 14 март 2026 година добил наредба од тогашниот началник на ОВР Пробиштип да предложи двајца инспектори кои следната вечер ќе бидат упатени на службени активности во Кочани.

Според неговото сведочење, ниту тој ниту двајцата полициски службеници не знаеле какви конкретни задачи ќе имаат. Им било кажано во 20:30 часот со службено возило да се пријават на бензинска пумпа во Кочани, каде што требало да ги пречекаат нивни колеги од локалното полициско одделение.

Тој посочил дека не добиле наредба да бидат во униформа, ниту биле информирани за можни ризици или за постоење оперативен план за акцијата. Дополнително, нагласил дека ниту тој ниту инспекторите од Пробиштип не учествувале во подготовката и организацијата на контролата.

Василески изјавил и дека до трагедијата воопшто не слушнал за дискотеката „Пулс“.

Во дискотеката влегле околу 2:30 часот

Говорејќи за разговорите со обвинетите по пожарот, сведокот посочил дека тие првично биле распоредени на други локации во Кочани и околината, а дури подоцна добиле задача да учествуваат во контролата на дискотеката.

Според информациите што му ги пренеле, околу 2:30 часот по полноќ Арсовски и Милошевски, заедно со полициски службеници од ОВР Кочани, влегле во објектот. Нивната задача била да проверат лице за кое постоело сомнение дека поседува наркотични средства.

При прегледот пронашле материја за која се сомневале дека е наркотична дрога. Проверка била извршена во близина на тоалетите, а при излегувањето забележале дека гостите почнуваат да го напуштаат објектот и дека се создава метеж.

Наунов: Дали подобрата координација можела да спаси животи?

За време на паузата од судењето, во име на родителите на загинатите се обрати Александар Наунов, кој порача дека секое рочиште за семејствата претставува повторно преживување на трагедијата.

Тој изрази незадоволство од сведочењата и одговорите што се слушаат во судницата, посочувајќи дека се сведоци на оправдувања, префрлање вина и повикување на усни наредби.

Наунов го постави прашањето дали е професионално да се спроведува полициска акција без соодветна информираност и координација меѓу службите. Тој праша и дали навременото организирање на евакуациски коридор можело да спаси човечки животи.

„Вие имате право на одбрана. Нашите деца немаа право на втора шанса“, порача Наунов.

Судењето се однесува на пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Во постапката се обвинети полициски службеници за кои Обвинителството тврди дека не постапиле согласно службените обврски и акцискиот план поврзан со работењето на дискотеката.

Жан Митрев