Економија

УЈП ГО ОБЈАВИ СПИСОКОТ НА ДОЛЖНИЦИ: Над 5.200 граѓани и компании дел од листата

УЈП објави нова листа на должници. Вкупниот долг на 5.200 граѓани и компании достигна 14 милијарди денари, за 83,15 милиони повеќе од претходниот месец.

УЈП ГО ОБЈАВИ СПИСОКОТ НА ДОЛЖНИЦИ: Над 5.200 граѓани и компании дел од листата

Објавен списокот на должници

Вкупниот нето-долг на 5.200 граѓани и компании во Македонија достигна 14.024.931.031 денари, покажува ноемвриската листа на должници што ја објави Управата за јавни приходи (УЈП). Листата погледнете ја ТУКА.

Според податоците објавени на 10 ноември 2026 година, на листата се евидентирани 2.006 правни лица и 3.194 физички лица. Во споредба со претходниот месечен пресек, бројот на должници е зголемен за 60, додека вкупниот долг е поголем за 83,15 милиони денари. Станува збор за обврски доспеани до 31 јули, а неплатени до 31 октомври 2026 година.

Најголемиот дел од долгот се однесува на даноци и придонеси

Од вкупната сума, дури 13,78 милијарди денари се однесуваат на неплатени даноци и придонеси, додека долгот за царински давачки изнесува околу 240,9 милиони денари.

Во однос на претходниот месец, долгот за даноци и придонеси е зголемен за 13,7 милиони денари, а обврските за царински давачки бележат раст од 69,4 милиони денари.

На листата се вклучени даночни обврзници со неплатени обврски за ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси, акцизи и царини, чиј износ надминува 120.000 денари за физички лица и самостојни вршители на дејност, односно 300.000 денари за правни лица.

Две третини од работодавачите навреме исплатиле плата

Податоците на УЈП за исполнувањето на тековните обврски покажуваат дека за исплатата на септемвриските плати обврска имале 74.782 работодавачи, за вкупно 553.040 вработени.

До законскиот рок, односно 15 октомври, платите ги исплатиле 49.439 работодавачи или 66,11 отсто од вкупниот број. Со тоа биле покриени социјалните придонеси за 481.003 вработени, што претставува 86,97 отсто од сите вработени опфатени со обврската.

Кај данокот на додадена вредност, до 26 октомври даночни пријави поднеле 98,5 отсто од месечните и 97 отсто од тримесечните обврзници. Обврска за плаќање пријавиле 21.061 даночен обврзник, во вкупен износ од 5,578 милијарди денари.

Во предвидениот рок, обврските ги подмириле 12.676 обврзници, кои уплатиле 2,542 милијарди денари, односно 45,6 отсто од вкупно пријавениот износ.

УЈП најавува присилна наплата за неплатените обврски

За даночните обврзници кои доцнат со плаќањето, УЈП најпрво испраќа известувања со повик за доброволно подмирување на долгот. Доколку обврските не бидат исполнети, следуваат законски опомени и мерки за присилна наплата.

Меѓу предвидените мерки се и блокирање на банкарските сметки, како и изрекување глоби за неподнесување даночни пријави.

Граѓаните и компаниите кои сметаат дека податоците објавени на листата не се точни можат да поднесат забелешка до надлежната регионална дирекција на УЈП. За долговите по основ на акцизи, царини и ДДВ при увоз, надлежно е Одделението за наплата на приходи при Царинската управа.

Жан Митрев