Економија

АНТРОПИК СО РЕКОРДНО ИПО ОД 107,3 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ: Компанијата зад „Клод“ достигна проценета вредност од 1,5 билиони долари

Компанијата за вештачка интелигенција „Антропик“, позната по платформата Клод, реализира рекордно ИПО од 107,3 милијарди долари и достигна проценета вредност од 1,5 билиони долари.

АНТРОПИК СО РЕКОРДНО ИПО ОД 107,3 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ: Компанијата зад „Клод“ достигна проценета вредност од 1,5 билиони долари
Davide Bonaldo/SOPA Images—LightRocket/Getty Images

Американската компанија за вештачка интелигенција „Антропик“ прибра рекордни 107,3 милијарди долари преку иницијална јавна понуда и приватен пласман, со што стана првата лабораторија за напредна вештачка интелигенција што прибира средства на јавните пазари. Компанијата продаде 956,4 милиони акции, заедно со 23,6 милиони акции понудени од коосновачите, по цена од 83 долари за акција. Со ова, проценетата пазарна вредност на „Антропик“ достигна околу 1,5 билиони долари, што ја вбројува меѓу 15-те највредни компании чии акции се тргуваат на берза. Побарувачката за акциите била речиси седум пати поголема од достапната понуда, а во приватниот пласман учествуваат и технолошки гиганти како „Гугл“, „Мајкрософт“ и „АМД“. Берзанското деби претставува голем пресврт за индустријата за вештачка интелигенција, во која инвеститорите сè повеќе се насочуваат кон компаниите што развиваат напредни платформи, а не само кон производителите на чипови и инфраструктура.

Рекордно ИПО и поддршка од технолошките гиганти

Основната јавна понуда изнесува 81,3 милијарда долари, со што го надмина претходниот рекорд на „СпејсЕкс“ од 75 милијарди долари. Дополнителниот приватен пласман вреди 26 милијарди долари, а меѓу учесниците се „Гугл“, „Мајкрософт“ и „АМД“. Според информациите, „Енвидија“ треба да купи акции во вредност од 10 милијарди долари во рамките на приватниот пласман.

„Антропик“ пред конкурентот „Опен еј-ај“

Со излегувањето на берза, компанијата зад четботот „Клод“ стекнува предност пред конкурентот „Опен еј-ај“, за кој се наведува дека не планира берзанско деби пред 2027 година. Извршниот директор Дарио Амодеи изјавил дека компанијата не сака да биде оптоварена со точниот датум на излегување на берза или со моменталните пазарни услови. Иницијалната јавна понуда ја предводеа „Голдман Сакс“ и „Морган Стенли“, заедно со уште 20 банки, а тргувањето со акциите е најавено на Nasdaq Global Select Market под ознаката ANT.

ОЗНАКИ: АНТРОПИК
Жан Митрев