Македонија
Дознај прв
ДЗР УТВРДИЛ СЛАБОСТИ ВО ИТ-БЕЗБЕДНОСТА НА ФЗО: Пополнети само 16,67 отсто од систематизираните работни места
Ревизијата утврдила недостиг на ИТ-кадар, пропуштени тестирања и слабости во сајбер-безбедноста на ФЗО. Фондот доставил акциски план со рок до 2027 година.

Државниот завод за ревизија утврдил слабости во информатичката безбедност на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) за периодот од 2023 до 2025 година. Меѓу забелешките се недостигот на кадар, пропуштените безбедносни тестирања и периодите без договорена ИТ-поддршка. Во информатичкиот сектор биле пополнети само 42 од систематизираните работни места, односно 16,67 проценти.
Недостиг на обуки и тестирање на резервните копии
Во јули 2023 година основна онлајн-обука за сајбер-безбедност завршиле 556 од вкупно 830 вработени, но потоа немало дополнителни обуки ниту симулации со лажни фишинг-пораки. Ревизорите утврдиле дека Фондот имал систем за заштита и создавање резервни копии, но немал ажурирана и одобрена политика за обновување на податоците. Дополнително, не бил тестиран ниту процесот за нивно враќање во случај на потреба.
ФЗО доставил акциски план со рок до крајот на 2027 година
По објавувањето на наодите, Фондот за здравство го известил ДЗР дека изготвил акциски план за спроведување на препораките. Планот предвидува ажурирање на безбедносните политики, изработка на ИТ-стратегија, процена на ризиците и модернизација на инфраструктурата. Предвидена е и континуирана едукација на вработените, а роковите за реализација на планираните активности се до 31 декември 2027 година.

