Свет

Поништена му е дипломата на главниот ривал на Ердоган, не може да се кандидира за претседател

Државниот совет ја отфрли жалбата на Екрем Имамоглу за поништувањето на дипломата. Одлуката му ги намалува шансите за претседателска кандидатура во 2028 година.

Поништена му е дипломата на главниот ривал на Ердоган, не може да се кандидира за претседател

На главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Екрем Имамоглу, конечно му е поништена универзитетската диплома, откако Државниот совет ја отфрли неговата жалба. Одлуката дополнително ги намалува шансите на градоначалникот на Истанбул да се кандидира на претседателските избори во 2028 година, бидејќи според турскиот Устав кандидатите мора да имаат универзитетска диплома. Дипломата на Имамоглу беше поништена на 18 март 2025 година од Управниот одбор на Универзитетот во Истанбул. Неговите адвокати тврдеа дека одлуката е политички мотивирана и ги нарушува принципите на правна сигурност и стекнати права, но судот ја отфрли жалбата. По одлуката, Имамоглу на социјалните мрежи објави кратка порака: „Кукавици!“.

Нови две години и еден месец затвор за Имамоглу

Истиот ден, суд во Анкара го осуди Имамоглу на две години и еден месец затвор и му изрече забрана за политичка активност. Тој беше прогласен за виновен за изборна манипулација поврзана со конгресот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), одржан во ноември 2023 година, на кој Озгур Озел беше избран за претседател на партијата. Според обвинението, на делегатите наводно им биле нудени пари, мобилни телефони, подарочни картички и работни места за да гласаат за Озел, но обвинетите ги отфрлија обвинувањата и се изјаснија за невини. Истата затворска казна ја добија уште осум лица, додека тројца обвинети беа ослободени.

Имамоглу е во притвор од март 2025 година

Градоначалникот на Истанбул се наоѓа во притвор од март 2025 година, во рамки на истрага за наводна корупција во администрацијата на метрополата. Во меѓувреме, доби и други затворски казни – во септември две години и еден месец за навреда на поранешниот градоначалник на Тузла, а во јули 2025 година една година и осум месеци за навреда и закана кон тогашниот главен јавен обвинител на Истанбул. Претходно, во декември 2022 година, во прв степен беше осуден на две години, седум месеци и 15 дена затвор и забрана за политичка активност поради навреда на членови на Централната изборна комисија. Имамоглу и неговите адвокати во повеќе постапки тврдат дека обвиненијата се политички мотивирани.

Жан Митрев