Македонија

МАКЕДОНСКИ ВЛАДИЦИ НА РОДЕНДЕНОТ НА РУСКИОТ ПАТРИЈАРХ: Кирил се сретна со црковна делегација во Москва

Македонска црковна делегација, предводена од митрополитот Георгиј, се сретна со патријархот Кирил во Москва по повод неговиот 80-ти роденден.

МАКЕДОНСКИ ВЛАДИЦИ НА РОДЕНДЕНОТ НА РУСКИОТ ПАТРИЈАРХ: Кирил се сретна со црковна делегација во Москва

Рускиот патријарх Кирил се сретнал со македонска црковна делегација, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, во чиј состав бил и епископот Хераклејски Климент. Средбата се одржала на 21 ноември во Даниловиот манастир во Москва, за време на посетата на македонските архиереи по повод 80-тиот роденден на рускиот патријарх. Кирил ја истакнал духовната и словенската блискост меѓу двете цркви, нагласувајќи дека ова е прва посета на македонски претставници во својство на делегати на црква со призната автокефалност.

Кирил: Првпат присуствувате како делегати на автокефална црква

„Многу нешта нè поврзуваат, веќе затоа што сме Словени, припаѓаме на кирилометодиевската традиција и го разбираме јазикот едни на други“, изјавил Кирил, додавајќи дека средбата има посебно историско значење. Тој оценил дека односите меѓу Московската патријаршија и Македонската православна црква – Охридска архиепископија активно се развиваат, посочувајќи ги како примери образованието на македонски студенти во руските духовни училишта и разговорите за заеднички проекти.

Георгиј ги пренел честитките од архиепископот Стефан

Митрополитот Георгиј истакнал дека делегацијата во Москва престојувала како пратеник на архиепископот охридски и македонски Стефан, со задача да ги пренесе неговите честитки и желби за здравје и сили по повод роденденот на Кирил. Тој изразил благодарност за поддршката од Московската патријаршија во процесот на решавање на статусот на МПЦ и доделувањето на автокефалноста од Српската православна црква. Македонската делегација му подарила на Кирил икона на светите Кирил и Климент Охридски, додека рускиот патријарх испратил подароци за архиепископот Стефан, митрополитот Георгиј и епископот Климент.

ОЗНАКИ: МПЦ
Жан Митрев