Македонија
Дознај прв
МАКЕДОНИЈА НАПРЕДНА ЗА 16 МЕСТА НА ИНДЕКСОТ НА ОН ЗА Е-ВЛАДА: Најдобар резултат од 2010 година
Македонија е на 68. место на индексот на ОН за е-влада за 2026 година. Андоновски најави нови дигитални услуги и дополнителен напредок до 2028 година.

Македонија се најде на 68. место во светот според Индексот на Обединетите нации за развој на е-влада за 2026 година, што претставува напредок за 16 позиции во споредба со претходното рангирање од 2024 година, кога беше на 84. место. Ова го соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, посочувајќи дека станува збор за најдобар пласман на земјата од 2010 година. Вредноста на индексот пораснала од околу 70 на 78 индексни поени, што според министерот е најголем раст во регионот во периодот од 2024 до 2026 година.
Македонија влегува во групата земји со многу високо ниво на е-управување
Андоновски истакна дека ова е втор најдобар резултат на Македонија во серијата рангирања на ОН од 2003 година. Со постигнатиот резултат, земјата влегува во групата држави со многу високо ниво на развој на е-управувањето, како една од петте европски држави што го направиле овој чекор во најновото мерење. Напредок е забележан кај сите клучни компоненти, а најголем кај човечкиот капитал, чија оценка пораснала од 0,70 на 0,79. Електронското учество на граѓаните, пак, се зголемило од 57 отсто во 2024 на 65 отсто во 2026 година.
Андоновски најави нови дигитални услуги и поголема достапност за граѓаните
На националниот портал uslugi.gov.mk во моментов се достапни 350 услуги, дел целосно електронски, а дел информативни. Андоновски најави дека во следниот период се очекуваат десетина услуги од Министерството за внатрешни работи и околу 30 од Фондот за здравство, со цел значителен дел да бидат дигитализирани до крајот на годината. За следната година е најавено и отворање онлајн форма преку која граѓаните ќе можат да предложат кои услуги треба да се дигитализираат. Министерот најави и продолжување на проектот за дигитални вештини во основните училишта, како и теренска кампања за повозрасните граѓани, а за следното мерење на ОН во 2028 година очекува напредок од дополнителни 20 до 30 позиции.

