Македонија

МЛАДИТЕ БРАЧНИ ДВОЈКИ ЌЕ КУПУВААТ ПОЕВТИНИ СТАНОВИ: Најмалку 10 проценти од становите во новоградбите ќе бидат со 20 отсто пониска цена

Младите брачни двојки до 35 години ќе можат да купуваат станови со најмалку 20% пониска цена, а за изградба на куќа се најавуваат нула комуналии.

МЛАДИТЕ БРАЧНИ ДВОЈКИ ЌЕ КУПУВААТ ПОЕВТИНИ СТАНОВИ: Најмалку 10 проценти од становите во новоградбите ќе бидат со 20 отсто пониска цена

Нашата редакција уште синоќа објави дека Мицкоски најавува нови мерки за поевтини станови за млади, а денеска премиерот Мицкоски соопшти и нови детали околу изведувањето на оваа мерка. Владата и Министерството за транспорт подготвуваат законско решение со кое најмалку 10 проценти од станбената површина во новите станбени објекти ќе мора да биде наменета за млади брачни двојки до 35-годишна возраст. Овие станови ќе се продаваат по цена најмалку 20 проценти пониска од просечната цена на становите во соодветната катастарска општина во претходната календарска година.

Мерката ја најави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека законското решение наскоро треба да биде доставено до Собранието. Таа е дел од пакетот мерки за олеснување на решавањето на станбеното прашање на младите брачни двојки, промовиран на годишната конференција на Унијата на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ која се одржа синоќа.

Градежните компании ќе мора да издвојат најмалку 10 проценти од становите

Според најавата, секоја градежна компанија што во иднина ќе гради станбени објекти ќе има обврска однапред да одвои најмалку 10 проценти од станбената површина за млади брачни парови до 35 години.

Мицкоски појасни дека цената на овие станови ќе се утврдува врз основа на просечната цена на станбените единици во конкретната катастарска општина во претходната календарска година, пресметана според склучените купопродажни договори.

„Нашиот пристап е директен, јасен и прецизен – не е еден, два или три проценти од каматите на кредитите, туку минимум 20 проценти пониска цена за квадратен метар за брачен пар до 35 години, што ќе се споредува со просекот за катастарската општина од претходната календарска година за да нема понатаму шпекулации“, изјави Мицкоски.

Без комуналии за младите брачни парови што ќе градат куќа

Втората најавена мерка се однесува на младите брачни двојки до 35-годишна возраст кои ќе сакаат да изградат сопствен дом, односно куќа.

Според предвиденото решение, општините нема да можат да им наплатуваат комуналии за изградбата. И за оваа мерка ќе биде предложено соодветно законско решение.

Премиерот изрази очекување дека законските измени ќе ја добијат поддршката од сите пратеници во Собранието.

Ќе има горен праг на цената, законот нема да важи ретроактивно

Осврнувајќи се на можноста за евентуални злоупотреби при формирањето на цените, Мицкоски посочи дека дополнителни механизми ќе бидат прецизирани во законот и подзаконските акти.

Според него, споредувањето со просечните цени врз основа на реално склучените купопродажни договори треба да спречи вештачко зголемување на цената на квадратен метар. Тој додаде дека за становите наменети за младите брачни парови ќе биде утврден и горен праг на цената.

За останатите станбени единици, како што посочи, цените и понатаму ќе ги определува пазарот, иако ќе се разгледуваат можности за одредена регулација која нема да ја наруши пазарната економија.

Одговарајќи на прашањето дали мерките ќе се однесуваат и на веќе изградените станбени објекти, Мицкоски нагласи дека законот нема да има ретроактивно дејство.

Жан Митрев