Македонија

(ВИДЕО) „КАЈ И ДА СИ, ЗА ПЕТРОВДЕН ВО ОХРИД ДА СИ“: Денес се одржува традиционалната староградска пловидба

Денес во Охрид се одржува традиционалната староградска пловидба „Ој љубов, љубов“ по повод Петровден, со учество на ВИС „Билјана“ и десетици пловни објекти.

(ВИДЕО) „КАЈ И ДА СИ, ЗА ПЕТРОВДЕН ВО ОХРИД ДА СИ“: Денес се одржува традиционалната староградска пловидба

Денес, на празникот Петровден, во Охрид се одржи традиционалната староградска пловидба „Ој љубов, љубов“, во организација на Културолошката иницијатива „5 до 12“. Настанот, кој со години е препознатлив симбол на охридската традиција, повторно ги обедини љубителите на староградската музика и убавините на Охридското Езеро.

Пловидба со староградски песни

Собирот на пловните објекти беше закажан за 17:30 часот кај плажата Канео, од каде учесниците започнаа пловидба исклучиво со веслање. Атмосферата ја збогати ВИС „Билјана“, кој изведува познати охридски и македонски песни додека колоната се движи кон Старото пристаниште (Островче).

Од 18:30 часот програмата можеа да ја проследат и посетителите од копно, каде традиционално се собираат голем број охриѓани и туристи.

Апел за безбедност

Организаторите упатуваа апел да не се користат пиротехнички средства, а моторните пловни објекти да се движат подалеку од веслачите и кајчето со ансамблот. За безбедноста се грижеа редари, Езерската полиција, Капетанијата на пристаништата и Црвен крст Охрид.

Настанот е дел од програмата „Бесконечниот круг на културата“ и секоја година привлекува бројни посетители, потврдувајќи ја традицијата содржана во познатата порака: „Кај и да си, за Петровден во Охрид да си“.