Скопје
Дознај прв
ПО ТРИ ГОДИНИ ПРИВРЕМЕНИ РЕШЕНИЈА: Трајно се санира големиот дефект на булеварот „Борис Трајковски“
По три години привремени решенија, започна трајна санација на големиот дефект на водоводната цевка на булеварот „Борис Трајковски“.

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ денеска започнаа целосна и трајна санација на сериозниот дефект на водоводната мрежа на булеварот „Борис Трајковски“. Проблемот со години предизвикувал тешкотии во водоснабдувањето на жителите од Пинтија, Усје, Долно Лисиче, Драчево, Батинци, Студеничани и Зелениково.
Оштетувањето настанало пред три години
Станува збор за оштетување на водоводна цевка со профил Ф600, кое настанало при градежни активности пред околу три години. Во изминатиот период биле применувани само привремени решенија, поради што дефектот постојано се повторувал и создавал проблеми за корисниците.
Ќе се замени дел од цевката во должина од пет метри
Со актуелната интервенција целосно ќе биде заменет оштетениот дел од цевката во должина од пет метри. Од Град Скопје очекуваат со зафатот да биде обезбедено трајно и сигурно решение пред почетокот на финалната изградба на булеварот „Борис Трајковски“. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, им се заблагодари на граѓаните за трпението, како и на теренските екипи на ЈП „Водовод и канализација“ за ангажманот во решавањето на долгогодишниот проблем.
