Македонија
Дознај прв
УХМР СО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ: Влажното време носи ризик од штетници и растителни болести
УХМР предупредува дека влажното време создава услови за штетници и растителни болести и ги повикува земјоделците редовно да ги контролираат насадите.

Дождот што во изминатите денови зафати делови од Македонија ќе придонесе за зголемување на влагата во почвата, но истовремено создава поволни услови за појава на растителни болести и штетници. Од УХМР ги повикуваат земјоделците редовно да ги контролираат посевите и навреме да преземаат соодветни мерки за заштита.
Зголемена потреба од вода кај градинарските култури
Топлото и суво време во претходниот период им одговарало на земјоделците за завршување на жетвата на јачменот и пченицата, која во делови од земјава веќе е завршена. Поголем дел од земјоделските култури се во фаза на берба, додека кај компирот продолжуваат цветањето и формирањето клубени.
Градинарските култури се во период на интензивен развој и имаат зголемена потреба од вода. Недостигот од вода во критичните фази може значително да влијае врз приносот, додека кај овошките продолжуваат растењето и зреењето на плодовите.
Виновата лоза особено чувствителна
Од УХМР предупредуваат дека виновата лоза е особено чувствителна на пламеница, пепелница и сиво гниење, како и на штетници, меѓу кои е и сивиот гроздов молец. Влажните временски услови го зголемуваат ризикот од нивна појава, поради што се препорачува засилена контрола на насадите.
Земјоделците се советуваат да ги исчистат одводните канали за полесно одведување на површинските води и да ги заштитат пластениците и другите конструкции. При електрични празнења треба да се избегнува престој на отворен простор.
