Македонија

ПО ЕДНА НЕДЕЛА СЕ ОЧЕКУВА КРАЈ НА ПРОБЛЕМОТ: Мицкоски најави исправна вода во Гостивар

Премиерот Христијан Мицкоски очекува уште утре да биде потврдено дека водата во Гостивар е технички исправна за користење.

ПО ЕДНА НЕДЕЛА СЕ ОЧЕКУВА КРАЈ НА ПРОБЛЕМОТ: Мицкоски најави исправна вода во Гостивар

Жителите на Гостивар би можеле уште во текот на утрешниот ден повторно да добијат технички исправна вода за користење, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој изрази очекување дека надлежните институции ќе издадат соопштение со кое ќе потврдат дека водата е безбедна за употреба. Според Мицкоски, проблемот со водоснабдувањето се санира во рекордно краток рок од една недела.

Екипи го хиперхлорираат водоводниот систем

Премиерот посочи дека управувањето со водоводниот систем е во надлежност на локалната самоуправа, но Владата веднаш се вклучила во надминувањето на состојбата. За граѓаните била обезбедена флаширана вода преку донации, додека стручни екипи од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје биле испратени во Гостивар. Екипите спроведуваат хиперхлорирање на водоводната мрежа, по што треба да следува потврда за исправноста на водата.

Обвинителството треба да ја утврди одговорноста

Мицкоски нагласи дека утврдувањето на причините за загадувањето и одговорноста за случајот е во надлежност на Јавното обвинителство. Тој порача дека истрагата треба да покаже како настанал проблемот и каде лежи вината. Владата, како што рече, ќе продолжи да им помага на граѓаните кога е потребно, без разлика во чија формална надлежност е конкретниот проблем.

Жан Митрев