Хроника
Дознај прв
ВОДАТА ВО ГОСТИВАР ИСЧИСТЕНА ОД БАКТЕРИИ: Може да се користи за капење и перење, но не и за пиење и готвење
Водата во Гостивар е исчистена од бактерии и може да се користи за капење, перење и миење садови, но сè уште не е дозволена за пиење и готвење.

Водата од градскиот водовод во Гостивар од денеска може да се користи како техничка вода, односно за капење, перење, миење садови и одржување на домаќинството. Сепак, таа и понатаму не смее да се користи за пиење или за подготовка на храна, информираа надлежните. Одлуката била донесена по повеќекратни испитувања, кои покажале дека водата повеќе не е загадена со фекалии.
Три дена нема колиформни бактерии во водата во Гостивар
Од шест примероци земени од крајните потрошувачи, три последователни дена не било утврдено присуство на колиформни бактерии. По засиленото хлорирање, во примероците не биле регистрирани ниту трихалометани над дозволените граници. Резултатите се доставени до Кризниот штаб и до Агенцијата за храна и ветеринарство.
Продолжува снабдувањето со пакувана вода
Надлежните најавија дека во следните денови ќе биде зголемен бројот на мерни места и ќе продолжи континуираното следење на квалитетот на водата. Сè додека официјално не се потврди дека водата е целосно безбедна за пиење, жителите на Гостивар ќе продолжат да се снабдуваат со пакувана вода. Засега не е познато кога точно ќе биде укината забраната за пиење и готвење.

