Македонија

ФАКТУРА ОД 16.588 ДЕНАРИ ГО ЗАКОЧИЛА ВОДОВОДОТ: Дали за 270 евра можело да се избегне труењето во Гостивар?

Неплатена фактура од 16.588 денари ја блокирала постапката за поврзување на новиот водовод во Гостивар, додека над 5.000 лица се затруле.

ФАКТУРА ОД 16.588 ДЕНАРИ ГО ЗАКОЧИЛА ВОДОВОДОТ: Дали за 270 евра можело да се избегне труењето во Гостивар?

Неплатена фактура од 16.588 денари, односно околу 270 евра, ја блокирала постапката за поврзување на новиот водоводен систем во Гостивар. Јавната преписка меѓу ЈП „Комуналец“ и Јавното претпријатие за државни патишта покажува дека Општина Гостивар требало да го плати административниот трошок уште пред две години. Новиот систем, финансиран со странски средства, останал неоперативен, додека повеќе од 5.000 граѓани подоцна побараа лекарска помош поради загадената вода.

За поврзување останале уште 600 метри

Од „Комуналец“ соопштиле дека за целосно поврзување на системот требало да се завршат работи на околу 600 метри од трасата, за што била неопходна согласност од ЈП за државни патишта. Од ЈПДП, пак, наведуваат дека фактурата била подготвена во април 2024 година, но Општина Гостивар не ја платила. За друго барање за цевковод, според претпријатието, не била доставена потребната техничка документација.

Пановски: Закочен проект вреден седум милиони евра

Микробиологот Никола Пановски оцени дека поради административен трошок од неколку стотици евра бил закочен проект вреден седум милиони евра. Тој смета дека со навременото пуштање на новиот систем Гостивар би имал чиста вода под притисок и епидемијата можела да биде избегната. На 17 јули беше забрането пиењето на водата, откако беше откриено дека отпадна вода се внесувала во водоводниот систем, а во примероците биле утврдени исклучително високи количества бактерии.