Македонија
Дознај прв
НЕ ОТВОРАЈТЕ ГИ ЛАЖНИТЕ ПОРАКИ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“: Измамници бараат уплата за наводен сообраќаен прекршок
МВР предупредува на лажни пораки во име на „Безбеден град“ преку кои се бара уплата за сообраќаен прекршок. Не отворајте сомнителни линкови.

Министерството за внатрешни работи предупредува дека во изминатиот период се забележани фишинг-напади преку лажни СМС и електронски пораки, веб-страници, мобилни апликации и социјални мрежи. Пораките наводно се испраќаат од Одделот за моторни возила и се претставуваат како известувања од системот „Безбеден град“. Во нив се тврди дека примачот направил сообраќаен прекршок, по што преку лажен линк се бара да изврши уплата.
Не споделувајте банкарски и лични податоци
Од МВР апелираат граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и да не споделуваат броеви од банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали. Се препорачува внимателно да се провери адресата на испраќачот, бидејќи институциите и компаниите користат службени домени. Граѓаните треба да користат двофакторска автентикација и сомнителните пораки да ги пријават во надлежните институции или во својата банка.
Како изгледа официјалното известување од МВР?
Официјалните СМС-известувања за направен сообраќаен прекршок треба да пристигнуваат од испраќачот „MVR-SC“. Во текстот задолжително треба да биде наведена регистарската ознака на возилото, а официјалниот линк треба да започнува со „https://safecountry.mvr.gov.mk“. Секторот за компјутерски криминал продолжува со истраги и презема мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваквите измами.
