Скопје
Дознај прв
БЕСПЛАТНИ УНИФОРМИ ЗА СКОПСКИТЕ СРЕДНОШКОЛЦИ: Мерката важи за сите ученици запишани во прва година
Учениците што од септември ќе се запишат во прва година во средните училишта на Град Скопје ќе добијат бесплатни училишни униформи.

Сите ученици што во учебната 2026/2027 година ќе се запишат во прва година во средните училишта под надлежност на Град Скопје треба да добијат бесплатна училишна униформа. Новата мерка ја најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, а нејзиното спроведување е предвидено да започне од септември. Униформи треба да добијат новозапишаните ученици во градските гимназии, стручни и здравствени училишта.
Учениците да се вреднуваат според знаењето
Според Ѓорѓиевски, целта на мерката е да се намалат видливите социјални разлики меѓу учениците и финансискиот товар врз нивните семејства. Со носењето униформи треба да се намалат и поделбите врз основа на тоа кој ученик носи поскапа или брендирана облека. Училиштата, како што посочи градоначалникот, треба да бидат места каде што младите ќе се вреднуваат според знаењето, трудот и постигнатиот успех, а не според економската состојба на родителите.
Деталите за униформите дополнително ќе се утврдуваат
Мерката засега ќе важи само за учениците од прва година, а не за сите средношколци во Скопје. Сè уште не се објавени детали за изгледот на униформите, бројот на парчиња што ќе ги содржи комплетот и вкупната вредност на набавката. Не е прецизирано ниту дали униформите ќе бидат задолжителни во текот на целата учебна година или секое училиште ќе има посебни правила за нивното носење. Повеќе информации за бројот на опфатени ученици, начинот на набавка и распределбата на униформите се очекуваат пред почетокот на новата учебна година.
