Македонија
Дознај прв
БИТОЛА ЧЕТИРИ ДЕНА ЖИВЕЕШЕ ВО РИТАМОТ НА ФОЛКЛОРОТ: Завршија „Илинденски денови“
Со награди за најдобрите ансамбли и изведувачи во Битола заврши 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“, со над 1.300 учесници.

Со доделување награди за најдобрите културно-уметнички друштва, фолклорни групи и поединци, синоќа во Битола заврши 56. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“. На фестивалот учествуваа над 1.300 учесници, кои го исполнија градот со музика, игра, традиција и народни носии. За најуспешна група во изворно-традиционална музика и игра-обред беше прогласена женската група „Теута“ од Тетово.
Награди за најуспешните ансамбли и изведувачи
Ансамблот „Вања Лазарова“ од Скопје ја доби наградата за најуспешна презентација на староградска музика и игра. Ансамблот „Орце Николов“, исто така од Скопје, беше прогласен за најуспешен во интерпретацијата на новопоставени фолклорни содржини инспирирани од изворната традиција. За најуспешна вокална изведба беше наградена Марија Добриновска од КУД „Јане Сандански“ од Неготино, додека фолклорниот ансамбл „Цветови“ од селото Дедино ја доби наградата за најкомплетна изворна народна носија.
Фолклорни ансамбли од седум држави
На свеченото затворање се обратија градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски. Тие им се заблагодарија на организаторите, учесниците и гостите кои придонесоа Битола да живее во духот на културата и традицијата. На последната фестивалска вечер настапија ансамбли од Венецуела, Грузија, Грција, Унгарија, Холандија, Словачка и Порторико.
