Македонија

(ВО ЖИВО) КУЌИТЕ ВО ЛОЗНАНИ СПАСЕНИ ОД ОГНОТ: Пожарот сега се шири кон други села, пожарникарите се сомневаат подметнати жариштата

Куќите во Лознани и Новоселани повеќе не се загрозени. Пожарот се движи кон други села, а пожарникарите се сомневаат дека дел од жариштата се подметнати.

(ВО ЖИВО) КУЌИТЕ ВО ЛОЗНАНИ СПАСЕНИ ОД ОГНОТ: Пожарот сега се шири кон други села, пожарникарите се сомневаат подметнати жариштата

Куќите во селата Лознани и Новоселани повеќе не се загрозени, откако пожарникарите, екипите на Дирекцијата за заштита и спасување и доброволци водеа тешка битка со огнената стихија. Според најновите информации, пожарот е ставен под контрола и нема уништени или оштетени семејни објекти. И покрај успешната интервенција, опасноста не е целосно помината бидејќи екипи остануваат на терен во текот на целата вечер за да ги изгаснат последните жаришта и да спречат повторно разгорување на огнот.

Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, заедно со командирот на битолските пожарникари Христијан Тодоровски, информираа дека опасноста за домовите е надмината, но пожарот и натаму е активен на друг фронт.

Огнот во моментов се движи кон Лопатица, Мусинци, Кутуруз и Црничани, по што службите продолжуваат со интервенциите на терен.

Особено тешка била состојбата во Лознани и Новоселани, каде огнот се приближил до куќи, но со брзата интервенција на пожарникарите било спречено негово натамошно ширење кон домовите.

„Се сомневаме дека пожарите биле подметнати бидејќи се движеа од разни страни како намерно за да не може да стигнат службите“, изјави Тодоровски, кој додаде дека пожарникарите биле на терен со часови без одмор.

Во текот на денот биле регистрирани повеќе жаришта во Пелагонискиот Регион, меѓу кои и кај Маково и во месноста Ергела кон Гнеотино.

Надлежните продолжуваат да ја следат состојбата, а активниот пожар кон Лопатица, Мусинци, Кутуруз и Црничани останува под посебно внимание. И покрај тоа што куќите се спасени, екипите и локалното население и понатаму се борат со последните жаришта во тешки и непристапни услови.