Колумни

Не ме „занима“ кровот, уживам во дворот на приземје

Колумна на Никола Николовски - Боемот

Не ме „занима“ кровот, уживам во дворот на приземје

Евидентно е дека по речиси осум години на Инстаграм, за многу теми на луѓето им станувам досаден. Јас сам на себе сум досаден, не па на некој друг.

Затоа се научив да молчам. Понекогаш, кога сè станува врева, мене аплаузите ми звучат шупливо. Веќе не барам спектакуларност, туку мир. И попрво би избрал да се повлечам него ли да одам против себе и да бидам нешто што не сум. Не од слабост. Од сила. Од потреба да се замолчам, за да се слушнам.

Учам. Од книги, но и од тишината. Од погледите на блиските. Од тоа што Бог ги реди коцките дури и кога мислиме дека сè е разнебитено.

Да не се разбереме погрешно. Не сум барикадиран дома, излегувам. Викендов бев во Охрид и во еден викенд успеавме да отидеме на неколку свирки, кафичи, кафани, плажи, па дури бевме и со Кубанките. Но, ако некогаш целта ми била сите да гледаат во мене, сега целта ми е да живеам за себе, да терам свој ќејф, па макар и никој да не ме забележи и без да ставам стори. Пристапот ми е поинаков.

Мислата „сѐ во свое време“ веројатно е најточното нешто што го имам слушнато. Така ми велеше баба ми. И навистина забележувам како приоритетот ми се менува од година во година.

Ние луѓето сме многу неблагодарни суштества. Бог го повикуваме само во беда, а забораваме да сме благодарни кога работите се под контрола. Зошто одиме во црква кога нешто ни фали? Зошто забораваме да бидеме благодарни? Не е ли тоа првиот чекор кон верата – не да бараш, туку да признаеш дека си добил?

Самокритичноста е доказ за зрел човек. За некој кој може да го помине сопственото его. Срамота е само тврдоглавоста, не и незнаењето.

Да, мешам теми. Но не мешам вистини. Зашто ова сум јас – срце на хартија. Ќутам и истрајно работам од позадина. И знам дека сè ќе дојде на свое место. Но не брзам и не летам. Зошто? Затоа што врвот е мизерен, не ме занима кровот, туку уживам во дворот на приземје!

Боемот 2.0