Магазин
Дознај прв
Мета ќе плати милијарди и ќе ги ограничи децата: Голема промена за Фејсбук и Инстаграм
Мета се согласи на судска спогодба со 29 американски држави и може да плати до 16,68 милијарди долари. Следуваат нови ограничувања за децата на Фејсбук и Инстаграм.

Компанијата се договори со 29 американски држави
Мета се согласи на судска спогодба според која може да плати до 16,68 милијарди долари за да стави крај на спорот со 29 американски држави. Тие ја обвинија компанијата дека Фејсбук и Инстаграм ги дизајнирала на начин што може да создава зависност кај децата и тинејџерите. Спогодбата предвидува воведување дневни ограничувања за користење на платформите од страна на деца, како и ограничување на нивната употреба во текот на ноќта. Мета ќе ја заостри и проверката на возраста за да спречи пристап до содржини наменети за повозрасни корисници.
Во спогодбата опфатен и „Кембриџ Аналитика“
Американските држави ја обвинија Мета и дека ги довела корисниците во заблуда за безбедноста на платформите и собирала лични податоци од деца без соодветно известување или родителска согласност. Компанијата ги негираше обвинувањата и не призна кршење на законите, но со спогодбата се избегнува продолжување на една од најзначајните тужби поврзани со влијанието на социјалните мрежи врз децата. Договорот опфаќа и тужби поврзани со скандалот „Кембриџ Аналитика“, а Калифорнија, Илиноис, Ново Мексико и Вашингтон ќе добијат 459,3 милиони долари. По објавувањето на спогодбата, акциите на Мета пораснаа за 2,3 отсто во раното тргување.
