Дознај прв
Втор работник почина од маларија на аеродромот во Франкфурт: Шест лица се заразени
Втор работник на аеродромот во Франкфурт почина од маларија. Шест лица се заразени, а надлежните истражуваат како комарците стигнале со авион.

Се истражува како комарците стигнале до аеродромот
Втор вработен на аеродромот во Франкфурт починал од маларија, само два дена по смртта на првиот работник заразен со оваа болест. Вкупно шест аеродромски работници биле заразени, а сите се мажи кои работеле на различни позиции и во различни делови од аеродромот. Се верува дека комарците кои ја пренесуваат маларијата пристигнале со авион од подрачја каде што болеста е ендемска. Случаите првпат биле откриени во јули, а надлежните сега се обидуваат да утврдат како дошло до заразувањето.
На аеродромот во Франкфурт поставени стапици за комарци
На аеродромот се поставени стапици, а фатените комарци ќе бидат испратени на лабораториска анализа за да се утврди нивниот вид и потекло. Се испитуваат и примероци од крв на заразените работници за да се утврди дали биле каснати од еден или од повеќе комарци. Здравствените власти уверуваат дека ризикот за населението во Франкфурт е исклучително мал, бидејќи маларијата не се пренесува директно од човек на човек, туку преку комарци. Последниот сличен случај на аеродромот бил регистриран во 2023 година.
