Скопје

Хозе Карерас со македонски музички ѕвезди: Голем концерт на 1 септември во Скопје

Хозе Карерас, Македонската филхармонија и македонски музички ѕвезди ќе настапат на бесплатен концерт на 1 септември на Плоштад Македонија.

Хозе Карерас со македонски музички ѕвезди: Голем концерт на 1 септември во Скопје

Спектакл со Македонската филхармонија

Светски познатиот оперски тенор Хозе Карерас ќе настапи во Скопје на 1 септември, во рамки на одбележувањето на 35 години независност на Македонија. Карерас ќе настапи со „Macedonian All Stars“, во придружба на Македонската филхармонија. Големиот концерт ќе се одржи на Плоштад Македонија и ќе биде бесплатен и отворен за сите граѓани. Организаторите го најавуваат настанот како еден од најголемите музички проекти во историјата на Македонија.

Македонски „дрим тим“ на една сцена

На сцената со Карерас ќе застанат Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Маја Оџаклиевска, Каролина Гочева, Калиопи, Влатко Стефановски, Ана и Игор Дурловски. Македонските музички имиња, заедно со големата оперска ѕвезда и филхармонискиот оркестар, ќе приредат концерт посветен на големиот државен јубилеј. Настанот е предвиден како дел од програмата за прославата на 35-годишнината од независноста на Македонија.