Македонија
Дознај прв
СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ДО ТАЛЕНТИРАНИТЕ УЧЕНИЦИ: „Вие имате шанса да направите од оваа држава пристојно место за живеење“
Сиљановска-Давкова ги прими талентираните ученици и им порача дека имаат шанса Македонија да ја направат подобро место за живеење.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во „Вила Водно“ прими талентирани ученици и нивните ментори кои во учебната 2025/2026 година учествувале на меѓународни научни олимпијади и натпревари. Дел од учениците се вратија со медали, високи награди и признанија од натпревари по математика, физика, вештачка интелигенција и други области. Сиљановска-Давкова им порача дека нивните успеси се причина за гордост, но и важен потенцијал за иднината на државата. Таа посочи дека пред 8 Септември нема подобар повод да се соберат најумните и најнаградуваните млади луѓе.
Сиљановска-Давкова – „ВИЕ ИМАТЕ ШАНСА ДА ЈА НАПРАВИТЕ ДРЖАВАТА ПОДОБРО МЕСТО“
Повикувајќи се на мислата од АСНОМ – „Каква држава ќе направиме, во таква ќе живееме“, претседателката им порача на учениците дека токму тие можат да придонесат Македонија да стане пристојно место за живеење и натпревар. Таа истакна дека во науката, културата и образованието нема големи и мали држави и дека најдобрите треба да имаат можност да ги достигнат највисоките позиции. „Нема тогаш да заминуваат“, порача Сиљановска-Давкова, посочувајќи ја потребата младите таленти своето знаење да го вложат во земјата.
ЈАНЕВСКА: ИДНИНАТА НА ЗЕМЈАТА ЗАВИСИ ОД ВАС
Министерката за образование и наука Весна Јаневска им се заблагодари на учениците за нивните успеси и порача дека институциите ќе продолжат да создаваат услови тие да ги развиваат своите способности. Таа ги повика младите да не ја забораваат земјата од која потекнуваат, без разлика каде ќе продолжат со образованието и кариерата. Јаневска истакна дека Македонија има потреба од најумните, најспособните и најчесните млади луѓе и ги повика еден ден да се вратат и да работат за својата земја.
