Македонија
Дознај прв
Јаневска до родителите: Без ваш ангажман, секоја иницијатива за справување со врсничко насилство ќе биде неефикасна
Врсничкото насилство може да запре само ако сите, и институции и наставници и целата заедницата, се ангажираме со целосна сериозност

Врсничкото насилство може да запре само ако сите, и институции и наставници и целата заедницата, се ангажираме со целосна сериозност. Но, посебно важна е улогата на родителите. Недостасува поголема грижа и посветеност од многу семејства кон своите деца. Не од сите, но од многу семејства недостасува токму таа воспитна компонента, што е основа за здраво растење.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на едукативниот панел за родители и старатели на ученици на тема врсничко насилство, што денес се одржа во Домот на културата „11 Октомври“ во општина Гази Баба.
„Последниот случај на врсничко насилство покажа деца со недостиг на емпатија и со изобличени вредности. Едни се изживуваат врз дете, а други стојат настрана, снимаат и се забавуваат, наместо да му помогнат и да го заштитат. Ова насилство е аларм за целото општество. Тоа е плод на недостиг на воспитна врска меѓу родителите и децата“, рече Јаневска, додавајќи дека без ангажирање на родителите, секоја иницијатива за справување со врсничко насилство е неефикасна.
