Дознај прв
ОТСТРАНЕТИ 6.000 СТАОРЦИ И 60 КОЗИ ОД ОСТРОВ: Вегетацијата се зголемила за 2.000 проценти
По отстранувањето на 6.000 стаорци и 60 кози од карипскиот остров Редонда, вегетацијата се зголемила за 2.000%, а се вратиле и птиците.

Необичен еколошки експеримент на остров на кој имало само едно дрво покажал колку силно животните можат да влијаат врз природата. По отстранувањето на околу 6.000 стаорци и 60 кози, растителноста на островот значително се обновила. Според извештај, вегетацијата се зголемила за дури 2.000 проценти, што укажува на големото влијание на инвазивните животински видови врз екосистемите.
Како бил уништен остров Редонда?
Островот Редонда се наоѓа во Карипското Море и ѝ припаѓа на Антигва и Барбуда. Во минатото, таму се експлоатирало гуано, односно наталожен измет од морски птици, кој се користел како ѓубриво и суровина за производство на барут. По напуштањето на рударските активности, на островот останале козите и црните стаорци, кои продолжиле да ја уништуваат вегетацијата и да ги напаѓаат јајцата и младенчињата на птиците.
Се вратија птиците и реткиот црн гуштер
Во 2016 година започнал проект за обновување на островот, во кој еколозите ги отстраниле козите и стаорците. Редонда во 2018 година официјално била прогласена за остров без стаорци, а оттогаш вегетацијата се зголемила за повеќе од 2.000 проценти. На островот повторно се вратиле 15 видови копнени птици, додека популацијата на реткиот црн гуштер, кој го има само таму, се зголемила тринаесеткратно.
