Регион
Дознај прв
АФРИКАНСКАТА СВИНСКА ЧУМА СЕ ШИРИ ВО СРБИЈА: Усмртени десетици илјади свињи, воведени вонредни мерки
Африканската свинска чума се шири низ Србија, еутанизирани се десетици илјади свињи, а во повеќе општини се воведени вонредни мерки.

Aфриканска свинска чума
Африканската свинска чума продолжува да се шири во Србија, а надлежните воведоа вонредни мерки во повеќе делови од земјата. Според последните информации, поради заразата се еутанизирани десетици илјади свињи. Болеста е регистрирана на стотици земјоделски стопанства, а најголем број жаришта има во Сремскиот и Мачванскиот округ, како и на подрачјето на Белград.
Најтешка состојбата во Срем и Мачва
Во неколку општини е прогласена вонредна состојба, а ветеринарните служби секојдневно ги отстрануваат заразените животни и спроведуваат дезинфекција. Само на подрачјето на Рума биле еутанизирани околу 17.000 свињи, додека вирусот е активен во десетици населени места. Надлежните најавија засилени и ненајавени контроли на фармите, како и построго почитување на биосигурносните мерки.
Болеста не се пренесува на луѓето
Ветеринарните експерти нагласуваат дека африканската свинска чума не се пренесува на луѓето, но е исклучително заразна и опасна за домашните и дивите свињи. Како главни преносители се посочуваат дивите свињи и човековото движење меѓу заразени и незаразени подрачја. Поради намалувањето на понудата, се очекува и поскапување на свинското месо, иако засега не се предвидуваат поголеми недостиг или нарушувања на пазарот.

