Магазин
Дознај прв
APPLE ПОЧНА ДА ИЗНАЈМУВА iPHONE И MAC: Плаќате месечно, но уредот не е ваш
Apple воведе лизинг за iPhone, Mac, iPad и Apple Watch. Корисниците плаќаат месечно, но по истекот мора да го вратат уредот или да доплатат.

Apple во САД воведе нов модел за користење iPhone, Mac, iPad и Apple Watch преку класичен лизинг, наместо преку вообичаено купување или отплата. Корисникот плаќа месечен износ, но уредот не станува автоматски негова сопственост по истекот на договорот. Тогаш може да го врати, да го замени со понов модел или да ја плати преостанатата вредност за да го задржи. Програмата „Apple Upgrade“ се спроведува преку финансиската компанија Klarna и засега е достапна само во САД.
Договори до 36 месеци
За iPhone и Apple Watch се нудат договори од 12 или 24 месеци, додека за iPad и Mac периодот може да изнесува 24 или 36 месеци. На пример, iPhone 17 Pro се нуди за 31,99 долари месечно во период од две години, што изнесува вкупно 767,76 долари. Сепак, по последната уплата телефонот мора да биде вратен или корисникот да доплати уште околу 331 долар за да го задржи.
Ниската рата не значи и поевтин уред
Сличен е моделот и за MacBook Pro со продажна цена од 1.999 долари, кој се нуди за 53,99 долари месечно. По две години корисникот би платил околу 1.296 долари, но за да стане сопственик треба да ја доплати преостанатата вредност. AppleCare не е вклучен во основната месечна цена, а дополнителни трошоци може да има за оштетување или предвремено раскинување на договорот. Моделот може да им одговара на оние што често ги менуваат своите уреди, но за корисниците што ги користат подолго купувањето може да биде поисплатливо.
