Македонија
Дознај прв
АРТАН ГРУБИ УТРЕ НА ОБВИНИТЕЛНА КЛУПА: Поранешниот вицепремиер ќе одговара за случајот со Државна лотарија
Артан Груби утре првпат ќе седне на обвинителна клупа за случајот со Државна лотарија и обвинението за злоупотреба на службената положба.

Поранешниот вицепремиер Артан Груби утре за првпат ќе седне на обвинителна клупа во Кривичниот суд, каде ќе одговара за злоупотреба на службената положба и овластување.
Артан Груби обвинет за злоупотреби во Државна лотарија
Груби е второобвинет во предметот во кој се опфатени вкупно осум лица, а случајот се однесува на набавка на видеолотариски терминали во Државната лотарија. Според Обвинителството, со постапките било предизвикано оштетување на акционерското друштво од околу 8,2 милиони евра. Обвинението првично го товареше Груби за потешкото кривично дело „проневера во службата“, но подоцна делото било преквалификувано во злоупотреба на службената положба, за кое е предвидена затворска казна до пет години.
Артан Груби е во куќен притвор
Според обвинението, Груби на владина седница во јуни 2023 година го заобиколил пропишаниот начин на одлучување и предложил да се усвои точка поврзана со работењето на Државната лотарија. Првообвинет во случајот е Прпари Бајрами, кој е во бегство и недостапен за органите на прогонот. Груби, пак, повеќе од една година беше надвор од земјата, а по враќањето во февруари годинава беше приведен на граничниот премин „Блаце“, по што му беше определен куќен притвор со полициски надзор.
