Македонија

БАДЕНТЕРОТ НАЈАВУВА КРИЗА ВО СОБРАНИЕТО: ДУИ се заканува со блокади на законите

ДУИ најавува блокади на законите за кои смета дека се спротивни на Охридскиот рамковен договор, додека Собранието утре продолжува со работа.

БАДЕНТЕРОТ НАЈАВУВА КРИЗА ВО СОБРАНИЕТО: ДУИ се заканува со блокади на законите

Со 53 точки на дневен ред, утре продолжува работата на Собранието по летната пауза, но веќе се најавуваат нови политички тензии. Иако на дневниот ред нема закони за кои е потребно гласање со Бадентер, ДУИ најавува блокади на законските решенија за кои смета дека се спротивни на Охридскиот рамковен договор. Собранискиот спикер Африм Гаши не потврди, но ниту отфрли дека законите што се носат со Бадентер може да бидат ставени на посебна седница. Гаши посочи дека при утврдувањето на приоритетите ќе се земаат предвид итноста, политичката волја и реформската агенда. Тој истакна и дека на денешната координација имало претставник од ДУИ, но не се разговарало за најавените блокади.

ДУИ најавува блокади, СДСМ обвинува за сценарио

Меѓу законите за кои е потребно гласање со Бадентер се неколку од областа на образованието, законот за правична застапеност и локалната самоуправа, како и законски решенија поврзани со раководни позиции. ДУИ најавува дека ќе ги блокира сите закони за кои смета дека се косат со Охридскиот рамковен договор. Од СДСМ, пак, обвинуваат дека станува збор за договорено сценарио со ВМРО-ДПМНЕ со цел да се предизвикаат предвремени парламентарни избори.

Утре на дневен ред 53 точки

На првата седница по одморите ќе се разгледуваат 53 точки, меѓу кои именување вицегувернер на Народната банка, повеќе ратификации и Предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции. Пратениците ќе ја разгледаат и Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот 2026–2030 година, како и повеќе законски измени по скратена постапка.

ОЗНАКИ: ДУИ