Македонија

БИЛАТЕРАЛНИТЕ СПОРОВИ ВО ФОКУСОТ НА САМИТОТ ВО БРИСЕЛ: ЕУ бара спроведување на Преспанскиот и договорот со Бугарија

Завршната декларација од самитот во Брисел ги нагласува Преспанскиот договор и договорот со Бугарија. Македонија и Црна Гора се соочуваат со билатерални предизвици.

БИЛАТЕРАЛНИТЕ СПОРОВИ ВО ФОКУСОТ НА САМИТОТ ВО БРИСЕЛ: ЕУ бара спроведување на Преспанскиот и договорот со Бугарија

Билатералните прашања не го одминаа вчерашниот самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел, а најдоа место и во завршната декларација. Во документот се наведува дека добрососедските односи, вклучително и опипливите резултати од спроведувањето на меѓународните договори, како Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, остануваат клучни. Декларацијата повикува на понатамошни напори за помирување и регионална стабилност, како и за изнаоѓање дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови.

Акцискиот план за малцинствата останува предизвик за Македонија

За Македонија, покрај уставните измени, предизвик и натаму е усвојувањето на Акцискиот план за малцинствата, за кој премиерот Христијан Мицкоски вчера од Брисел порача дека треба да се затвори пред воопшто да се размислува за промена на Уставот. Политичкиот аналитичар Марко Трошановски смета дека стравувањата од ново бугарско вето, дури и по евентуалното внесување на Бугарите во Уставот, се оправдани. Тој ја разбира позицијата на премиерот и оценува дека со мали измени и дополнувања на Акцискиот план може да се одговори на барањата на бугарската заедница во Македонија, но и да се добие прифаќање од Софија.

Хрватска ја отфрла арбитражата со Црна Гора

Покрај македонско-бугарскиот спор, во фокусот е и блокадата на Црна Гора од страна на Хрватска поради нерешеното гранично прашање. Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ најави можност спорот да се решава пред меѓународен суд или преку арбитража, по примерот на спорот меѓу Хрватска и Словенија за Пиранскиот залив, но хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ порача дека арбитражата не е опција. Тој посочи дека односите меѓу Хрватска и Црна Гора не се исти како оние со Словенија, потсетувајќи на воената агресија врз хрватска територија во времето на поранешна Југославија. Пленковиќ најави дека поглавјето 31 нема да биде затворено сè додека не се реши разграничувањето на копно. По самитот, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави дополнителни 338 милиони евра од Планот за раст за Македонија, Црна Гора и Албанија, средства што првично биле предвидени за Србија, Косово и Босна и Херцеговина, но ќе бидат прераспределени поради недостигот од реформи.

Жан Митрев