Македонија
Дознај прв
ЧЕТИРИ ПОЖАРИ СÈ УШТЕ СЕ АКТИВНИ: Горат дабова и борова шума, пожари има и во Скопје
Четири пожари се активни во Македонија. Горат дабова шума во Македонски Брод, борова шума во Струга и вегетација кај Буковиќ и Марино.

Четири пожари на отворен простор сè уште се активни во Македонија, информираат од Центарот за управување со кризи. До 13 часот денеска биле регистрирани вкупно седум пожари, од кои три се целосно изгаснати. Најсериозна е состојбата во Македонски Брод и Струга, каде што огнот зафатил шумски површини.
Горат дабова и борова шума
Во Општина Македонски Брод гори дабова шума помеѓу селата Слатина и Грешница. Активен е и пожарот во Општина Струга, каде што пламените јазици зафатиле борова шума меѓу селата Делогожда и Татеши. Пожарникарските екипи се на терен и работат на спречување на натамошното ширење на огнот.
Активни пожари и во скопскиот регион
Сува трева и ниска вегетација горат кај селото Буковиќ во Општина Сарај, како и во близина на клучката кај Марино во Општина Илинден. Целосно се изгаснати пожарите кај фирмата „Енмон“ во Велес, кај струмичкото село Добрејци и во близина на гробиштата во Општина Ѓорче Петров. Според информациите на ЦУК, во моментот нема пожари што се водат како ставени под контрола.
