Македонија

ДЕНЕСКА ПОЧНУВА СУДЕЊЕТО НА АРТАН ГРУБИ: Поранешниот вицепремиер ќе одговара за случајот со Државна лотарија

Артан Груби денеска седнува на обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба во случајот со Државна лотарија.

ДЕНЕСКА ПОЧНУВА СУДЕЊЕТО НА АРТАН ГРУБИ: Поранешниот вицепремиер ќе одговара за случајот со Државна лотарија

По повеќе од половина година од враќањето во земјава, поранешниот вицепремиер Артан Груби денеска ќе седне на обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба поврзана со работењето на Државна лотарија. Груби е второобвинет во предметот, во кој се опфатени вкупно осум лица, а во моментов се наоѓа во куќен притвор.

Обвинението се однесува на набавка на видеолотариски терминали

Првообвинет е Прпарим Бајрами, поранешен претседател на Управниот одбор и генерален директор на Државна лотарија, кој и натаму е во бегство. Според Обвинителството, обвинетите биле свесни дека Државна лотарија немала право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали, но сепак започнале постапка за нивна набавка, при што акционерското друштво било оштетено за околу 8,2 милиони евра.

Артан Груби  – Од „проневера“ до злоупотреба на службената положба

Груби првично беше обвинет за „проневера во службата“, кривично дело за кое е предвидена затворска казна до 20 години, но подоцна обвинението беше преквалификувано во злоупотреба на службената положба. Според обвинението, Груби на владина седница одржана на 6 јуни 2023 година постапил спротивно на Деловникот за работа на Владата и го заобиколил пропишаниот начин на одлучување. Судењето, освен правниот исход, го привлекува вниманието и поради можните политички последици што би можеле да произлезат од целиот процес.