Македонија
Дознај прв
ДО НОВА ГОДИНА ЌЕ СЕ ВОЗИ ПО КЛУЧКАТА КАЈ МОМИН ПОТОК: Градежните работи се 75 отсто завршени

Градежните работи на клучката кај Момин Поток се реализирани 75 отсто, а проектот треба целосно да биде завршен до Нова година. Ова го соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски изврши увид во работите. Според најавите, пуштањето на клучката во употреба треба значително да го намали сообраќајниот метеж и да овозможи побезбедно движење во овој дел од Скопје.
Целосно завршена експропријацијата
Ѓорѓиевски изјави дека пред седум месеци проектот бил во целосна стагнација, а експропријацијата била реализирана само 10 отсто. Сега, според него, експропријацијата е целосно завршена, а сите засегнати граѓани се исплатени од Град Скопје. Проектот опфаќа околу два километра потпорни ѕидови, пешачки и велосипедски патеки, како и работа на пет мостови, од кои последните се во завршна фаза.
До крајот на годината уште два проекти
Градоначалникот најави дека до Нова година треба да бидат завршени и проширувањето на мостот на реката Серава и мостот на улицата „Љубљанска“. Тој додаде дека интензивно се работи и на булеварот „Борис Трајковски“, додека во август треба да почне изградбата на мостот што ќе ги поврзува Гази Баба и Аеродром. Владата обезбедила 60 милиони денари за клучката кај Момин Поток, а Мицкоски најави продолжување на поддршката за проектите на општините.
