Хроника
Дознај прв
МВР ВОВЕДУВА БРЗ ТЕСТ ЗА ДРОГА: брис од плунка и резултат за 10 минути
МВР набавува 10.000 брзи тестови со плунка за откривање седум видови дрога кај возачите, со резултат за три до десет минути.

Министерството за внатрешни работи ќе воведе брзи тестови со кои сообраќајната полиција на самото место ќе може да проверува дали возач управува под дејство на наркотични супстанции. За тестирањето ќе биде потребен само брис од плунка, а резултатот ќе биде познат за период од три до десет минути. МВР веќе нарачало 10.000 тестови, чија испорака се очекува во првата половина на август.
Ќе откриваат седум видови дрога
Со тестовите ќе може да се детектира присуство на ТХЦ, кокаин, амфетамин, метамфетамин, опијати, екстази и бензодиазепини. Примерокот од плунка ќе се зема за помалку од една минута, а за читањето на резултатот нема да биде потребна дополнителна медицинска опрема. Од МВР велат дека тестовите имаат прецизност од 99 проценти и првпат ќе се користат при контроли на возачите во земјава.
Полицаецот ќе проценува кого ќе тестира
Тестирањето ќе се спроведува на местото каде што е сопрено возилото, врз основа на проценка на полицискиот службеник. Неколку полицајци прво ќе поминат обука, а потоа знаењето ќе им го пренесат на колегите во другите организациски единици. Еден тест чини 218 денари, додека рамковната спогодба е склучена за период од две години, со максимален буџетски лимит од 80.000 евра.
